Коцевски сериозно ги сфати пораките од Мицкоски: Надзор во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Основното јавно обвинителство Љупчо Коцевски ги задолжил сите јавни обвинители да извршат надзор над Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Ваквите чекори Коцевски ги презеде по укажувањата на премиерот Христијан Мицкоски изминатиов период дека обвинителите наместо да отвораат предмети од скандалите што се случуваат во земјава тие токму тогаш добиваат дијареа и грозница и на тој начин ги опструираат случаите. Контролите следуваат откако Коцевски сериозно ги сфатил укажувањата на премиерот и вчера наредил реорганизација на силите во сите јавни обвинителства, а донесено е и упатство според кое се задолжуваат сите јавни обвинители итно да дадат приоритет во постапувањето на предметите за корупција.

„Со одлука на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, сите јавни обвинители од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска вршат контрола во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. До крајот на годината ќе биде извршен надзор и над постапувањето на Одделението за меѓународна правна помош во Јавното обвинителство и над Канцеларијата за врски со Европравда во републичкото обвинителство.“, велат од Јавното обвинителство.

Премиерот Мицкоски изминатиов период повеќе пати посочуваше дека е разочаран од однесувањето на одредени обвинители кои наместо да отвораат предмети за криминал и корупција тие се правдаат дека имаат проблеми со здравјето и на тој начин го попречуваат спроведувањето на правдата.

„Мислам дека овој процес треба да биде динамичен односно секој оној кој што нема да ги исполни очекувањата треба да биде чесен и да замине без разлика каква е неговата улога во општеството. Јас само упатив многу пораки во јавноста и ќе продолжам да упатувам кон овие две институции и обвинители и судии да си ја работат својата работа, да не бидат партнери со криминалците без разлика дали се тоа политички или вистински криминалци од улиците, туку да се борат против криминалот и корупцијата и конечно очекувам да почнат да си ја работат работата и да ја заработуваат платата која што им ја даваат македонските граѓани и не е мала“, изјави Мицкоски.

Мицкоски уште претходно најави дека токму од оваа недела започнува робусната акција за справување на состојбите во правосудството по што претседателката на Судскиот совет Весна Дамева си поднесе оставка, притоа обвинувајќи за притисоци на власта.