Ковачевски: ЕУ треба да има стратегија за Балканот, Фон дер Лајен претстави нов план за развој на Западен Балкан

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија за нејзините евроатлански интеграции досега направи многу, како што се знае таа го смени името кое беше услов за да стане членка на НАТО и Европската унија. Но НАТО го испорача тоа што го вети, а Европската унија тоа не го стори. Ова на форумот на ГЛОБСЕК во Братислава го изјави премиерот на Македонија Димитар Ковачевски, кој порача дека ЕУ треба да има јасна стратегија за интеграција на регионот.

„Сметам дека Европската унија по војната во Украина ја сфати стратешката грешка што ја направи пред неколку години кога ни беше наметнато вето нам на Северна Македонија и на Албанија. Знаете кога ќе направите стратешка грешка не можете да ја решите за 5 минути. Затоа што стратешките грешки имаат свој ефект во период од 5 до 10 години најмалку“, изјави Ковачевски.

На форумот учествуваше и премиерот на Албанија Еди Рама кој рече дека се согласува со тоа за членството на Западен Балкан ЕУ да не се избрзува туку да се пристапи фундаментално, но истовремено истакна дека Европската унија треба да биде поправедна во обезбедувањето финансиски средства за регионот. Поддршката доаѓа преку заеми а само 10 проценти се грантовите кои се наменети за некаква техничка помош, рече Рама.

„Она што мора да се случи сега е тоа дека Европската унија мора да отвори нов пат на соработка во поглед на финансиите затоа што во спротивно нема иднина. Што се однесува до безбедноста и стабилноста за Балканот, а ако Балканот само се закашла тоа за Европската унија е рамно на пневмонија.“, изјави Рама.

Инаку на форумoт претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја презентираше новата иницијатива за раст на земјите на Западен Балкан. Се работи за нов план за раст на Западен Балкан и сакаме да го надградиме напредокот постигнат во последните месеци истакна таа.

„Сакаме да донесеме некои од придобивките од членството во Европската унија за луѓето од Западен Балкан уште денеска. Планот за раст што го предлагаме денес е изграден на четири столба. Прво, да го приближиме Западен Балкан поблиско до единствениот европски пазар. Второ, да се продлабочи регионална економска интеграција. Трето да се забрзаат фундаменталните реформи и четврто да се зголемат претпристапните средства.“, вели Фон дер Лајен.

Во фокусот на глобалниот безбедносен форум на ГЛОБСЕК кој се одржува во Братислава е состојбата во Украина, отпорноста на Европа наспроти војната како и ублажување на глобалните последици од конфликтот преку зајакнување на економските и енергетските врски.