Ниту премиерот Димитар Ковачевски ниту министерот за надворешни работи Бујар Османи не мислат дека е добра идејата на министерот за правда, Кренар Лога, во моментот кога ќе започне дебатата за уставните измени, да се отвори и прашањето за 20% како дефиниција за Албанците и албанскиот јазик. Според премиерот, приоритет во моментов е само вметнувањето на сите заедници кои живеат во Македонија, вклучително и Бугарите.
На исто мислење е и шефот на дипломатијата Османи. Тој потврди дека не знае која била целта на изјавата на министерот Лога, но истакна дека сегашниот процес за уставните измени не треба да се оптоварува и со други политички прашања, кои според него, можат да го поларизираат општеството уште повеќе.
На средба со новинарите и собранискиот спикер Талат Џафери зборуваше за идејата на Лога, за други уставни измени, а рече дека според него нема никаков проблем, се додека тоа се постигнува и се прави со согласност на сите политички партии.
