Има неколку поединци во опозицијата кои не мислат како нивниот лидершип и треба да се поттикнат. Вака изјави премиерот Ковачевски на брифинг со новинарите зборувајќи за уставните измени. Прашан дали лично разговарал со некој пратеник на опозицијата, тој одговори:
„Никогаш не сум разговарал со некој пратеник како да одлучува. Обврска е на секој поединец да носи одлука која е од интерес на граѓаните. Ниту барам нотарски изјави, ниту барам некој слепо да го следи моето мислење. Настапувам со аргументи“, вели Ковачевски.
Ковачевски зборуваше и за директната поддршка на САД во врска со усвојувањето на уставните измени и изјавата на заменик помошникот државен секретар за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Истакна дека нашите стратешки партнери, САД, изразиле загриженост за опозициската блокада во Собранието.
„Има директна порака до опозицијата. Мене не ми треба поддршка од опозицијата, само што идеолошките разлики не можат да бидат пречка за развојот и за иднината на државата. Ескобар даде директна поддршка за уставните измени. Европскиот интегративен процес е неповратен процес и никој не може да го сопре. Опозицијата не треба да ме поддржи мене, туку граѓаните и државата на европскиот пат.“, рече Ковачевски.
Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. велат дека Ковачевски наместо да се крие зад брифинзи, добро би било да излезе на дебата со Христијан Мицкоски.
Во врска со законските измени предложени со европско знаменце од страна на Владата, Ковачевски кусо рече дека законите со европско знаменце се измислени токму од ЕУ.
