Ковачевски: Нема да има промени во Владата – Груби: За тоа одлучуваат владините коалиционери

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Владата ќе има промена само во Министерството за локална самоуправа по оставката на Горан Милевски, истакна премиерот Димитар Ковачевски по најавите дека е можна мини реконструкција на владиниот кабинет. Сепак на информациите од СДСМ од каде најавија дека ќе има одредени промени, Ковачевски вели дека тоа ќе бидат многу мали.

„Сметам дека ќе бидат многу мали со оглед на тоа што Владата функционира со полн капацитет и ги извршува своите обврски. Тоа е одлука на Либерално демократската партија, тие веќе, како што прочитав во медиумите имале седница на Централен одбор да го предложат поранешниот градоначалник на Скопје господинот Ристо Пенов. Јас искрено сум среќен што е предложен Ристо Пенов. Ви кажав Министерство за локална самоуправа со оглед на тоа дека имаме оставка на министерот. Друго нема во план“, вели Димитар Ковачевски.

За можноста за поголеми смени во Владата се најавуваше по случувањата во ДУИ и барањето на Огнената група за оставка на Артан Груби. Тој денеска изјави дека за било какви промени во владиниот кабинет ќе треба да одлучат коалициските партнери во власта.

„Секако дека ќе има промена затоа што даде оставка колегата Горан Милевски и партијата ЛДП го предложи господинот Ристо Пенов за нов министер за локална самоуправа, така што секако дека ќе има промена, но тоа останува на лидерите на политичките партии дали имаат било каква подготвеност или потреба да прават било кои промени во владиниот кабинет“, порача Артан Груби. 

Именувањето на новиот министер за локална самоуправа Ристо Пенов од ЛДП, треба да се случи на една од наредните седници кои претседателот на Собранието Талат Џафери треба да ја закаже деновиве.