Малите партии во власт се уште не биле консултирани за проширување на парламентарното мнозинство, поточно за влезот на АА во Влада. Ковачевски вели дека тоа ќе го направи кога ќе дојде време за поделба на ресори.
Партијата на Африм Гаши, Алтернатива е децидна дека нема да ги подели своите функции со партијата на Таравари. Но дали Алтернатива ќе со повлече од Влада доколку им се одземе ресорот Здравство, како што се шпекулира во јавноста?
„Не ја прифаќаме тезата дека бидејќи Алтернативата има помалку пратеници од Алијансата, при што ќе мора да плати политичка цена со кадровски отстапки. Секој кој заборава дека пред само 12 месеци Алтернатива беше клучен фактор за спас на Владата и со тоа овозможи разговори со ЕУ, всушност го поткопува и загрозува коалицискиот потенцијал на про-европските сили во Северна Македонија. Ако политичкиот договор со Алтернатива не се почитува до крај, зошто некој друг би верувал дека вреди да се здружи со тие кои не ги исполнуваат обврските?“, велат од Алтернатива.
Ниту Движење Беса, не го поддржува овој чекор на Алијанса.
„Доколку АА стане дел од Владата, ќе биде забрзана и погрешна одлука на АА, одлука која најмалку ќе биде во интерес на Алијанса и повеќе во интерес на сегашната Влада која и ние и АА како опозициски партии ги критикувавме за погрешните политики и сите неуспеси“, додава Абдуш Демири.
Алијансата за Албанците, според неофицијални информации, добила две понуди за влез во Владата. Првата понуда е за заедничко владеење со СДСМ, ДУИ, ДПА и Алтернатива, а втората понуда е без Алтернатива. Неофицијално, доколку Алтернатива одлучи да остане во владината коалиција, АА ќе раководи со Министерството за здравство, правда и две заменик министерски функции.
Инаку од заминувањето на Скендер Реџепи-Зејди, кој беше дел од овој политички субјект, Алтернатива има еден пратеник помалку, односно 3, а Алијансата за Албанците осум пратеници.
На Алијансата не и требаат функции за гласање за уставни измени доколку се искрени во својата посветеност за ЕУ, додаваат од Алтернатива.
