Премиерот Ковачевски тврди дека нема кршење на Законот за Влада со тоа што Талат Џафери од ДУИ ќе ја предводи техничката Влада, а не претставник од СДСМ како најголема партија во власта. Тој ова го објаснува со тоа што мандатот за формирање на новата Влада се дава на владината коалиција. Запрашан за тоа што доколку ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да не делегира членови во неа бидејќи Законот за Влада не предвидува таква ситуација повтори тоа е обврска која очекува да се почитува.
„Прво, не се крши законот затоа што и денес и претходната коалициска Влада и ако го погледнете мандатот кој што го доделува претседателот на државата, тој го доделува на коалиција, која што има најмалку 61пратеник во Собранието. Во однос на техничката Влада, техничката Влада е законска обврска исто како што е за мене законска обврска на сто дена пред избори, да поднесам оставка со што целата Влада е практично во оставка, обврска е на сите политички партии да учествуваат во Влада која што треба на техничко ниво да ги спроведе изборите“, вели Димитар Ковачевски.
Засега од ВМРО-ДПМНЕ се уште немаат донесено одлука дали ќе учествуваат во преодната Влада, но сепак од партијата велат дека деновиве тоа ќе се разјасни откако двете највисоки тела на партијата, Извршниот и Централниот комитет ќе заседаваат. Сепак Антонио Милошоски во вчерашното интервју за Сител вели дека е попаметно да бидат дел од Владата која ќе ја предводи Џафери за да го контролираат процесот.
„Сметам дека кога Владата ја предводи човек како Талат Џафери кој што во Собранието безброј пати го прекршуваше Деловникот, кој што не го пополнува местото член на Државна изборна комисија која што и следува на опозицијата а тој со месеци го влечка овој оглас и не го става на дневен ред тогаш навистина тој што би имал намера да не учествува во една ваква Влада за организирање на избори може само да им даде поголема шанса на Талат Џафери, на Артан Груби, на Оливер Спасовски да прават малверзации дополнителни“, порача Антонио Милошоски.
Од опозициските партии на Албанците велат дека доколку ВМРО-ДПМНЕ сепак одлучат да не бидат дел од техничката влада очекуваат тие да бидат повикани. Изет Меџити во изјава за ТВ21 вели дека тие се подготвени да ја преземат таквата одговорност.
„Ако ВМРО-ДПМНЕ не учествува, албанската опозиција значи дека прифаќа и ќе гласа за техничката влада, сметаме дека и овој пат е потребна техничка влада, особено бидејќи во минатото беше проблем режимот на Груевски, сега проблем е остатокот од тој режим. Нам не ни е проблем да преземеме одговорност во функција на организација на фер и демократски избори“, порача Изет Меџити.
Инаку Работната група во Министерството за правда ги подготви измените на Изборниот законик во кој се внесени препораките на ОБСЕ ОДИХР, кое беше и дел од договорот на лидерската средба.
