Пандемијата со Ковид-19 е предизвик за нашите нации, со длабоко влијание врз луѓето и економија, кое пак наметнува историски шокови кои можат да донесат долгорочни последици, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по денешниот состанок на министрите за одбрана кој се одржа преку видео-врска со високо ниво на безбедност. Тој додаде дека предизвикот покажува дека сојузниците се флексибилни и обединети за да си помогнат меѓусебно.
„Воените сили од целата Алијанса извршија над 100 мисии за транспорт на медицински кадар, опрема и средства. Помогнаа во изградба на мобилни болници, поставија над 25 илјади кревети и над 4 илјади лица од медицински персонал се распоредени за поддршка на цивилите“, истакна Јенс Столтенберг.
На денешниот министерски состанок е разгледана и досегашната работа на Алијансата и се усвоени новите чекори кои ќе се преземат за борба против вирусот. Првиот човек на НАТО, вели дека и покрај тоа што сме во пандемија, разни луѓе се обидуваат преку дезинформации да ја разнишаат и минираат демократијата. Како што уверува, Алијансата против овие дезинформации се бори со конкретни акции, а како пример за тоа ја наведе помошта што Северна Македонија ја добива од сојузниците.
„Земјите од Западниот Балкан добија поддршка од земјите-сојузнички на НАТО, посебно Северна Македонија го истакна ова за време на средбата, која беше прва министерска средба каде присуствуваше министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска која наброја колку земји сојузнички на НАТО, како Холандија, САД, Чешка, Норвешка и др. ѝ дале конкретна поддршка со медицинска опрема, мобилни болници, финансиска поддршка. Ова е најдобриот начин за борба против секаков обид за кампања за дезинформирање“, додава Столтенберг.
Сѐ уште е рано да се каже за долгорочните ефекти од Ковид-19, вели Столтенберг, додавајќи дека треба да се продолжи со добар план за пандемиите во иднина, заштитувајќи ги најкритичните индустрии и подобрувајќи го бизнис планот. Геополитичките ефекти можат да бидат големи, истакна генералниот секретар, најавувајќи дека некои ќе се обидат да го искористат економскиот пад за да инвестираат, што може пак да влијае врз долгорочната безбедност на Алијансата. Столтенберг тврди дека предизвиците во однос на одбраната и безбедноста на НАТО не се променети поради пандемијата со коронавирусот. Силите се подготвени да одговорат на секаква закана. На денешниот виртуелен министерски состанок учествуваа Финска и Шведска кои не се земји-членки, како и претставници на Европската Унија.
