Досегашниот државен министер за локална самоуправа на Албанија, Ервин Демо, е новиот албански министер за внатрешни работи по промените во кабинетот на албанскиот премиер Еди Рама, соопшти Албанската радио-телевизија, повикувајќи се на изјава на Рама.
Демо ја наследува функцијата од досегашниот министер за внатрешни работи на Албанија, Бесфорт Ламалари, кој според објавените промени преминува во кабинетот на премиерот и отсега ќе биде дел од неговиот тим.
– Министерот за локална самоуправа Ервин Демо отсега ќе биде одговорен за Министерството за внатрешни работи, кон чии функции ги интегрираме и локалните прашања – нешто што не е ново за историјата на кабинетот на премиерот, но кое сега поприми многу позавршена форма – изјави денеска Рама на брифинг за медиумите.
Не се наведува кој ќе го наследи Ервин Демо на функцијата државен министер за локална самоуправа.
