Ковид-19 однесе живот на 28-годишна медицинска сестра – Филипче: Состојбата ќе стане навистина критична

НАЈНОВИ ВЕСТИ

28-годишна медицинска сестра од Општата болница во Кичево почина поради компликации од коронавирус. Таа не беше вакцинирана од здравствени причина, тврди докторот на болницата Станко Трпески. Пред три дена, пациентката со тешка клиничка слика била префрлена во Скопје, каде ја загубила битката.

Инаку, Кичево, Тетово, Гостивар и Куманово се најголемите жаришта на зараза на Ковид-19. Ковид-центрите во овие општини се полни со пациенти, вели министерот за здравство, Венко Филипче. Изразува загриженост и смета дека доколку трендот на пораст продолжи со оваа динамика, состојбата може да стане критична. Спасот го гледа само во вакцините.

Вирусот најмногу се шири на прослави и забави, уверува тој.

Од вкупно 3.497 пациенти кои излегле позитивни во последните 7 дена, 3.047 не се вакцинирани, што значи дека само 10% се вакцинирани и позитивни, но и вакцинираните кои се хоспитализирани се во доста стабилна состојба, изјави ресорниот министер. Околу 8 илјади граѓани дневно се вакцинираат против коронавирус. Поради зголемениот интерес за имунизација, пунктовите работеа и денеска, но со помал интензитет.