Крај на војната помеѓу Израел и Иран – Трамп објави примирје, Тел Авив и Техеран се согласија на прекин на нападите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, рано утрово објави дека официјално стапи на сила прекинот на огнот меѓу Иран и Израел.

Во кратка, но јасна порака објавена на социјалните мрежи, Трамп напиша: Прекинот на огнот сега е на сила. Ве молам, не го кршете!
Објавата доаѓа по 12 дена интензивни борби меѓу Иран и Израел, што резултираше со стотици жртви од двете страни и ја ескалираше регионалната нестабилност.

Но, непосредно пред објавата на Трамп, нови меѓусебни напади. Израел го нападна Техеран, каде според иранските власти загинал уште еден нуклеарен научник, но и девет други лица, кои биле цивили.
Од друга страна, пак, Иран лансираше ракети врз Израел, кои го погодија градот Бершеба. Во нападот имало најмалку четири жртви.

По овие напади, следуваа меѓусебни обвинувања за кршење на примирјето. Но, иранските државни медиуми подоцна објавија дека војната е завршена и дека прекинот на огнот е „наметнат на агресорот“. Нетанјаху го прифатил примирјето, но им забранил на министрите да зборуваат јавно.

Се огласија и израелските воени власти.

-Следејќи ја директивата на политичкиот ешалон, прекинот на огнот стапи на сила утрово. Може да се каже утрово дека ИДФ целосно ги исполни сите цели дефинирани во операцијата „Исправен лав“. Началникот на Генералштабот им наложи на ИДФ да одржуваат високо ниво на будност и подготвеност за моќен одговор на какво било кршење на прекинот на огнот. Ова се нагласува со одржување на висока оперативна тензија и зачувување на подготвеноста на сите фронтови и по сите граници, изјави Бригаден генерал Ефи Дефрин, портпарол на Израелската војска.

Во текот на ноќта, Иран, исто така, нападна американска база во Катар како одмазда, обвинувајќи го Вашингтон за поддршка на нападите врз иранските нуклеарни постројки. Нема штети ниту загинати, сите ракети биле пресретнати.

За овој напад, Трамп на социјалните мрежи порача:

-Со задоволство можам да известам дека ниту еден Американец не е повреден и речиси никаква штета не е предизвикана. Најважно е што тие исфрлија сè од својот „систем“ и, се надевам, нема да има понатамошна омраза. Сакам да му се заблагодарам на Иран што нè извести на време, што обезбеди да не се изгубат животи и никој да не биде повреден, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Според ирански извори, повеќе од 400 луѓе се убиени откако започнаа израелските напади на 13 јуни, вклучувајќи 13 деца, додека повеќе од 3.000 се повредени. Од друга страна, израелските медиуми јавуваат дека најмалку 24 израелски граѓани ги загубиле животите како резултат на иранските напади, а стотици се повредени.