Фондот за здравствено осигурување најавува построги контроли за боледувањата. Директорот Златко Перински најави дека ќе биде предложена измена на правилникот, со цел спречување на злоупотребите. Една од главните промени ќе биде намалувањето од седум на пет дена на периодот што матичниот лекар може да го определи без лекарска комисија.
„Сметаме дека и пет дена во иднина ќе бидат доволни за обезбедување дополнителна анамнеза или за продолжување на боледувањето. Се олеснува постапката за издавање боледување за лицата кои не се во можност физички да се појават за да го добијат боледувањето“, вели Златко Перински, директор на ФЗОМ.
Перински најави контроли по пријави од работодавачите, но и по случаен избор. Доколку контролорот не го затекне осигуреникот дома, тој ќе биде упатен да се јави пред лекарска комисија и да даде објаснување.
Според Перински, при контролите во МВР биле констатирани неправилности во околу 30 отсто од контролираните случаи, додека злоупотреби сè повеќе се евидентираат и во приватниот сектор.
„Темата за боледувањата и породилните отсуства секогаш е чувствителна во јавноста. Нашата идеја не е да ги ограничиме правата на боледување, туку да спречиме злоупотреби при користењето на боледувањата, бидејќи Фондот за здравствено осигурување за 2026 година, во рамките на својот буџет, предвидел 6 милијарди и 454 милиони денари, наменети за боледувања и породилни отсуства“, вели Златко Перински, директор на ФЗОМ.
Перински истакна дека целта не е ограничување на правото на боледување, туку спречување на злоупотребите.
