Кратење за прекувремена работа и службени патувања – синдикатите со обвинување дека Владата го крши Уставот и законите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема да има кратење на платите на вработените во администрацијата, но ќе се кратат додатоците за прекувремена работа, репрезентација за патување и трошоците за службените телефони на вработените и функционерите, вели за ТВ21 заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, откако владините препораки за намалување на расходите на буџетските корисници предизвикаа бурни реакции во јавноста

„Мерките, она што се однесува во однос на вработените и обврската од 30 посто работа во ротација, да не се загрози нормалното работење на институциите само по себе ќе значи заштеда во делот на оперативните трошоци, заштеда на електрична енергија, исто така институциите ќе треба да водат сметка во однос на тоа да се зголеми продуктивноста на работниците, да немаме ситуации каде што месец за месец ќе исплаќаме поголеми износи за прекувремена работа, тие трошоци треба да се скратат. Исто така треба да се скратат трошоците на функционерите и на другите раководни лица во институциите“, вели Александар Бајдевски.

Со остра реакција излегоа од синдикатот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани во кој членуваат најголем дел од вработените во јавниот сектор. Оттаму велат дека со ваквиот потег Владата го укинува колективното договарање и ги прекрши Уставот, законите и конвенциите на Меѓународната организација на трудот кои ги има потпишано државата.

„Ако веќе праќаме дома вработени да работат наместо да им ги зголемиме платите бидејќи ќе имаат поголеми трошоци и за струја и за храна и за греење и за сите други режиски трошоци што ги имаме ние како граѓани на државата, тие носат мерка пратете ги луѓето дома а во исто време да им ги скратиме платите“, вели Трпе Деановски.

Деаноски ја повика Владата да ги вклучи синдикатите во процесот на донесување одлуки за плати и мерки за штедење.

„Владата треба да се произнесе што мисли и како мисли. Владата треба да ги вклучи синдикатите во секој предлог или во секоја мерка што сака да ја направи, а се однесува на плати или мерки на штедење, но тоа не го прави“, додава Трпе Деановски.

На владините мерки за штедење реагираше и Сојузот на синдикати на Македонија. Од ССМ укажуваат дека не смее да биде откажан или ревидиран ниту еден колективен договор на ниво на гранка или општ колективен договор.