Во електровлечната подстаница Драчево, меѓу железничките станици Лисиче и Драчево, е извршена кражба од големи размери, при што е уништен значителен дел од електроенергетската опрема, соопшти МЖ Инфраструктура.
Според информациите, крадците насилно превртеле два трансформатори тешки повеќе од 30 тони, го истуриле трансформаторското масло и ги украле бакарните намотки, како и бакарни жици, шини и друга опрема неопходна за функционирање на подстаницата, која сега е целосно нефункционална.
Од МЖ Инфраструктура оценуваат дека станува збор за сериозен напад врз критичната железничка инфраструктура, со првично проценета материјална штета од околу 5 милиони евра. Тие бараат итна истрага и кривична одговорност за сторителите и сите вклучени во кражбата и понатамошното отуѓување на украдените материјали.
