Кривичен законик – Калајџиев: Не се потребни парцијални измени, Стојановски: Сакаме да спречиме амнестија на луѓе што сториле кривични дела

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Измените на Кривичниот законик кој деновиве се најде во Собранието поднесени од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ наскоро треба да се најде на расправа во законодавниот дом а кои се однесуваат за оние контроверзни измени на членот 353 донесени во 2023 со кој се амнестираат функционери од злоупотреби на функцијата. На измените инсистираше и претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски кој постави и рок тие да бидат донесени до крајот на годинава. Професорот Гордан Калајџиев вели дека не е добро постојано да се носат измени на законот и дека најдобро би било да се донесе новиот Кривичен законик подготвен од Министерството за правда, откако претходно ќе има и јавна дебата за тоа.

-Не би одел генерално со парцијални измени, не вршат работа. Несериозно е од аспект на тоа што кога се подготвува целосен Кривичен законик, тој досега требаше да се пушти малку повеќе во јавна расправа. Не е нешто гледам некаква посериозна расправа пуштена, вели Гордан Калајџиев, професор.

Но, Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ кој е еден од потписниците на тој закон вели дека потребата од донесување на овие парцијални измени е потребна.

-Во државава во моментов има два процеса од аспект на Кривичен законик, еден кој се припрема во Министерството за правда, којшто е дел од реформската агенда, тој ќе биде донесени 2026-та и ова преодно решение коешто ние како група на пратеници го поднесовме за да спречиме амнестија на еден поголем дел на група на луѓе коишто сториле кривични дела по овие квалификативи но и за да ја обезбедиме правната држава барем додека не го донесеме новиот КЗ, изјави Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквите измени се носат за да се исправат контроверзните промени донесени во 2023 година а кои овозможија голем број функционери да се спасат од кривичен прогон и за кое и Европската унија имаше јасни критики. Дел од реакциите во јавноста се и околу предвидените казни бидејќи, тие се повисоки во однос на измените од 2023 но се многу поблаги во однос на претходната верзија.

-Генерално казните не би рекол никогаш дека се благи нашите казни се во принцип многу строги, се потпираат на една погрешна претпоставка дека со строги казни ќе надоместиме се што сме пропуштиле уште од превенција на криминал. Споредено со странски држави нашата казнена политика е строга, вели Гордан Калајџиев, професор.

Во измените на Кривичниот законик кој се поднесени во Собранието покрај одредбите за членот 353 кој се однесува на кривични дела на функционери, се предвидени и казните од проектот Сејф Сити и тоа за одземање возило за безобѕирно управување со автомобилот.