Скоро по два месеци, државните власти конечно најдоа кој е сопственик на дивоградбата кај ТЦ Мавровка. Против лицето со иницијали М.А. (34) МВР до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава поради постоење на основано сомневање дека пријавениот е сторител на кривично дело „Бесправно градење“.
„Од страна на СВР Скопје- Единица за економски и компјутерски криминал во координација со ОЈО- Скопје беа преземени соодветни мерки и активности во насока на утврдување на постоење основи на сомнение за сторено кривично дело кое што се гони по службена должност по чл.244-а ,, Бесправно градење” од КЗ и по целосно документирање на случајот денеска до ОЈО- Скопје е поднесена соодветна кривична пријава“, велат од МВР.
Владата на РСМ донесе одлука за начинот на уривање на бесправно изградениот објект кај ТЦ Мавровка, извести премиерот Заев на неговиот фејсбук профил. Во рамките на оваа одлука Владата им препорачува на Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да ги регулираат меѓусебните права и обврски да склучат Договор за отстранување на бесправно изграден градежен објект, делови од објекти и бесправно поставени објекти.
„Владата на Република Северна Македонија на својата прва седница одржана денеска донесе одлука да му препорача на Управниот одбор на Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да донесе одлука за ангажирање на потребна механизација, средства за работа и вработени, за уривање и демонтирање на бесправно изграден градежен објект што се наоѓа пред ТЦ Мавровка, без надоместок кон Општина Чаир, односно од сопствени средства“, посочи Зоран Заев.
Инаку, по трет пат општина Чаир објавува тендер, на првите два не се појави ниту еден економски оператор за уривање на дивоградбата, а третиот тендер завршува во четврток, 3 септември. Тендерот е без критериуми и ограничувања со цел да се привлече барем еден економски оператор за да се урива објектот чиј сопственик беше непознат за властите скоро два месеци.
