Три лица добија кривични пријави поради сомнение за поткуп и противзаконско влијание при полагање стручен испит за стоматолози. Според Министерството за внатрешни работи, меѓу пријавените се студентка од Битола, професор од Стоматолошкиот факултет и претседател на испитна комисија при Министерството за здравство. Истрагата покажала дека студентката во декември минатата година му уплатила пари на професорот, кој, според сомневањата, требало да влијае врз претседателот на испитната комисија за таа да го положи стручниот испит. Од МВР тврдат дека студентката добила уверение за положен испит иако не го поседувала потребното знаење. При претресите кај двајца од осомничените биле пронајдени и одземени повеќе од 65 илјади евра, речиси 30 илјади швајцарски франци и 161 илјада денари. Кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
