Криза и во земјоделието и сточарството – по цената на нафтата, поскапеа и вештачките ѓубрива и семето

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Поскапувањето на нафтените деривати влијаеше врз земјоделието и сточарството. Исмаил Беќири, земјоделец од Тетово вели дека садењето земјоделски производи е многу скапо бидејќи поради цената на нафтата, поскапеле и семињата за расад и вештачките ѓубрива.

„Самите гледате каква е ситуацијата, јас се занимавам и со земјоделие и со сточарство. За земјоделието ни пуштија нешто субвенции но не доволно, многу малку е, а цените се покачени, вештачкото ѓубриво е поскапено за 150%, и нафтата, државата ни даде 100 евра, но што да правиме со нив, 17 хектари имам и земам под наем, вкупно се околу 50 или 60 хектари, ако не поскапат цените, бидејќи јас одгледувам зелка и домати, можеме да пропаднеме. Ако порасната цените, се знае, одиме во загуба, од денеска во Струмица зелката е 6 денари на големо а 6 денари чини само семето да го купиш, а каде се другите цени, и работната рака е поскапена, сами не можеме!“, истакна Исмаил Беќири.

Доколку цените на производите не ја задржат сегашната цена, земјоделците стравуваат дека ќе бидат во загуба.

„Добри беа цените, но трошоците беа многу помали, да кажам 100% помалку беа, и сега гледате и самите, една вреќа ѓубриво беше 10 евра, оваа година е 25 евра, тоа е…“

Условите во кои работат земјоделците во Полог се тешки, се жалат тие. Најголем проблем е наводнувањето, бидејќи каналот е оштетен, и треба да наоѓаат други алтернативи.

„Условите се катастрофални! Прво системот за наводнување е никаков. Се трудиме сами со пумпи,со трактори, тоа кошта. Има трошоци, Тие работат на бензин или нафта. Нафтата знаете колку е сега, каналот некаде има некаде нема вода, и не е добро исчистен, се прави штета во другите села, ние сме на крајот, некаде доаѓа вода, некаде не“.

Земјоделецот Беќири апелира до надлежните да посветат поголемо внимание на инвестициите во земјоделието и сточарството, бидејќи од овие дејности финансиски зависат многу семејства. Тој  лично, со оваа дејност издржува 10 члено семејство, и доколку немаат услови, вели дека ќе мора да ја напуштат оваа дејност.