Кризен штаб Куманово: Зголемен број на заразени млади – „Да се почитуваат мерките“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поради зголемен број на заразени лица, особено на младата популација и нивните семејства, Кризниот штаб на Куманово апелираше до граѓаните и до сопствениците на угостителските објекти да ги почитуваат препораките и мерките од Владата, информираа денеска од Штабот, кој ја одржа 70-тата седница во Општина Куманово.

– Заради зголемен број на заразени, особено млада популација и нивните семејства, апелираме до граѓаните, како и до сопствениците на угостителски објекти и маркети да ги почитуваат сите мерки и препораки од Владата на Република Северна Македонија, поточно, социјална дистанца од два метри, како и да се намалат семејните собири во затворен простор и собири на млади луѓе во поголеми групи, соопшти Кризниот штаб.

Според последните податоци на Министерството за здравство, заклучно со вчера во Куманово има 547 активни случаи на инфицирани со Ковид-19.