Крстевски: Со максимална борбеност против Шпанија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

 Македонската кошаркарска репрезентација интензивно се подготвува за претстојниот натпревар против светскиот првак Шпанија во рамки на воведното коло од мундијалските квалификации.

Новиот капитен на репрезентацијата Бојан Крстевски истакна денеска дека Шпанија ја носи фаворитската улога, а тој и соиграчите ќе мораат на терен да покажат максимална ангажираност и борбеност во обид да го изненадат светскиот првак.

– Имавме пократок временски период за тренирање за разлика од летото и нешто поизменета екипа од претквалификациите. Не сме комплетни, но тоа мора да го оставиме зад нас и да се фокусираме на тоа што го имаме и со кое располагаме. На нас е да излеземе на терен, максимално ангажирани и борбени и да ги исполниме задачите на селекторот, како и да се претставиме во најдобро светло. Секоја чест за Шпанија, но ние нема однапред да ѝ се предадеме, изјави Крстевски.

Македонските кошаркари ја пречекуваат Шпанија в петок во салата „Јане Сандански“ во Скопје со почеток од 19:30 часот. Во квалификациската Г – група покрај македонската и шпанската репрезентација се и селекциите на Украина и Грузија.