Директорот на Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС), Александар Кржаловски, предупредува дека исполнувањето на условите поврзани со уставните измени не претставува гаранција дека Македонија нема повторно да се соочи со ново вето на патот кон Европска Унија.
Гостувајќи во емисијата Click Plus на TV21, Кржаловски посочи дека досегашното искуство покажува дека и по исполнување на одредени услови, блокадите може да продолжат.
„Постигнувањето на условите, согласно Договорот за добрососедство, не може да ни гарантира дека нема да имаме ново вето. Тоа не е гарантирано и досегашните случувања го покажуваат тоа“, истакна Кржаловски.
Тој потсети на истражувањата што ги спроведувал МЦМС во периодот од 2008 до 2013 година, кога главниот спор беше со Грција околу името на државата. Според него, уште тогаш најголемиот страв кај граѓаните бил дека и по евентуално решение на спорот, блокадите ќе продолжат.
„Тогаш стравот беше дека Грција ќе продолжи да блокира. Подоцна видовме дека се појавија и други пречки – прво Франција, потоа Бугарија. Не знаеме која земја може да биде следна, можеби Холандија поради прашања поврзани со корупцијата“, рече Кржаловски.
Тој додаде дека ваквата неизвесност влијаела и врз перцепцијата на граѓаните за европската интеграција. Според податоци од истражувања за јавните ставови, поддршката за членство во ЕУ со години бележела пад.
„Во 2004 година поддршката за членство во Европската Унија достигнуваше 97 проценти. Потоа постепено опаѓаше и се намали до околу 56 проценти. Сега повторно има пораст и изнесува околу 71 процент“, посочи Кржаловски.
Сепак, како што нагласи, поддршката за уставни измени како чекор кон членство во ЕУ е значително помала.
„Кога се поставува прашањето дали граѓаните се согласни со уставни измени токму поради членството во ЕУ, само околу 10 проценти одговориле потврдно. Тоа покажува дека постои голема резервираност и недоверба дека овој чекор навистина ќе значи и крај на блокадите“, заклучи Кржаловски.
