КСЗД: Да се реши правото на глас за лицата што ќе наполнат 18 години, како и лицата со попреченост

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Да се реши правото на глас за лицата што ќе наполнат 18 години, како и лицата со попреченост, бараат од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Собранието минатата недела ги изгласа измените на Изборниот законик за лицата кои стануваат полнолетни меѓу два изборни круга ќе можат да гласаат единствено ако имаат валиден пасош, бидејќи лична карта ќе немаат можност да извадат. Но што со таквите лица кои во овој случај нема да можат да извадат лична карта а пасошот им истекува пред распишувањето на изборите. Претседателот на Комисијата Игор Јадревски вели дека правото на гласање треба да се овозможи на сите граѓани над 18 години.

„Нашите препораки кои што се дадени се во насока на измена и дополнување на Изборниот законик со цел на сите лица на еднаква основа да им биде овозможено правото на глас. Зборуваме за сите категории на лица во насока на остварување на правото на глас на еднаква основа. Изборниот законик се менуваше во овој дел меѓутоа не се смени во делот на лицата кои што ќе наполнат 18 години помеѓу двата избирачки круга, постои опасност да бидат исклучени лицата во здравствените установи“, вели Игор Јадревски.

Од Комисијата за заштита од дискриминација предупредуваат и на користењето говор на омраза во текот на изборната кампања од страна на партиите.

„Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за време на предизборните кампањи ќе врши засилен мониторинг на говорот на омраза и вознемирувачкиот говор, на социјалните мрежи и на традиционалните медиуми. За таа цел ќе изработиме и прилагоден образец за пријавување вознемирувачки говор до Комисијата кој што ќе биде закачен на нашата страна со помош на кој ќе им олесниме на граѓаните да пријавуваат вознемирувачки говор за време на плредизборните кампањи“, додава Јадревски.

Од Комисијата упатија и апел до политичките партиите, претседателските кандидати, носителите и кандидатите од партиските листи да се воздржат од говор на омраза во предизборната кампања.