Постои опасност училиштата во општините со најголем број заразени со Ковид-19 да не успеат да организираат настава со физичко присуство. Во Куманово сите 21 училишта доставиле барање до општината учениците од сите одделенија да спроведат настава со физичко присуство, но нивното барање може да биде одбиено поради епидемиолошката состојба со корона вирусот. Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, вели дека од реализираните состаноци, родителите сметат дека учениците треба да следат настава со физичко присуство. Но за тоа треба да одлучат повисоките државни органи, како што вели тој, за тие да можат да донесат одлука за кумановските училишта.
Ја прашавме новата министерка за образование, Мила Царовска – дали е можно и Куманово, како втора општина по број на заразени да се исклучи од можноста за настава со физичко присуство, освен за учениците до трето одделение, како што е во Скопје, рече дека овие проценки и заклучоци ги носи владината комисија формирана за ова прашање.
Денеска истекува и рокот во кој училиштата можат да аплицираат во МОН за добивање дозвола за организирање настава со физичко присуство. До пладнево во канцелариите на ресорното министерство пристигнале 36 барања. Класична настава побарале 21 основно и 15 средни училишта.
