Противпожарната единица на Куманово ја зајакна својата опрема со ново специјализирано возило за гасење пожари. Големокапацитетна противпожарна цистерна од Противпожарната бригада на аеродромот во Инсбрук, Австрија, официјално беше предадена на кумановските пожарникари во рамки на соработката меѓу покраината Тирол и Општина Куманово.
Новото возило значително ќе ги подобри капацитетите за брза интервенција, особено при гасење шумски пожари и пожари на отворен простор, како и во подрачја каде нема функционална хидрантска мрежа.
Предавањето на возилото е дел од пошироката соработка меѓу австриски Тирол и противпожарните служби во Куманово. Во изминатиот период, Тирол обезбеди седум противпожарни возила, организираше обуки за пожарникарите, понуди стручна поддршка за изградба на противпожарни станици и помогна во развојот на модерен и одржлив систем за противпожарна заштита.
Во рамки на партнерството се работи и на воспоставување доброволни противпожарни бригади, со цел дополнително зајакнување на локалните капацитети за справување со итни ситуации.
Од двете страни оценуваат дека соработката претставува пример за меѓународна солидарност и заедничка заложба за создавање побезбедни и поотпорни заедници.
