Курти и Брнабиќ ќе се сретнат во Охрид на 1-ви јули

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот на Косово, Албин Курти и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ ќе се сретнат на Преспа Форумот за Дијалог во Охрид.

Курти, Брнабиќ, Јоханес Хан, Метју Палмер, Федерика Могерини, Еди Рама се само дел од потврдените учесници на овој форум, кои може да ги погледнете ТУКА!

Инаку, Преспа Форум за Дијалог (ПФД) е платформа креирана од Владата на Северна Македонија со цел да им овозможи на земјите, лидерите, организациите и граѓаните да градат долгорочни односи и да ги зајакнуваат партнерствата.

Врз основа на резултатите и искуствата што придонесоа Северна Македонија да се развие во модерна, демократска и мултиетничка држава заснована врз европски вредности, ПФД има за цел да инспирира и промовира добрососедски односи и соработка.

Платформата е замислена како место за размена на ставови и идеи за можни решенија на отворени билатерални прашања, со што би им се помогнало на владите, институциите и граѓанскиот сектор, вклучувајќи ги и младите, за доследно спроведување на духот и одредбите од потпишаните билатерални и регионални договори.

Учесниците на ПФД ќе имаат единствена можност со своите дискусии, проценки и предлози да стават личен печат за зајакнување на стабилноста на регионот на Западен Балкан,  за збогатување на регионалната соработка и за испраќање позитивна слика за регионот во рамки на неговата европска интеграција и  меѓународен контекст.

Настанот во рамките на ПФД 2021 ќе се одржи во Охрид и Отешево, Преспа, на 1-2 јули 2021 година, под покровителство на премиерот Зоран Заев.

На овој форум ќе се дискутира за многу области со посебен акцент на постпандемиското економско закрепнување.