Австрискиот канцелар Себастијан Курц обвини некои членови на Европската унија за тајни преговори со лаборатории, критикувајќи ја нееднаквата распределба на вакцините за ковид-19 меѓу земјите.
„Постојат индиции дека имало форум, чаршија каде биле постигнати дополнителни договори меѓу земјите-членки и фармацевтските компании“, рече Курц пред новинарите.
Канцеларот додаде дека тие информации ги споделил со лидерите на Белгија, Грција, Полска, Словенија и Чешка.
„Многумина не можеа да им веруваат на своите уши затоа што тоа е јасно спротивно на политичката цел на ЕУ за еднаква дистрибуција на вакцините“, рече тој.
Курц додаде дека е потребно да се утврди кој ги потпишал тие договори, нагласувајќи дека тие се „тајни“ и дека тој не може да има увид во нив.
Според него, Малта така ќе добие „до три пати повеќе дози по глава на жител од Бугарија“ до летото. Исто така, ќе има корист и Холандија, која треба „да добие двојно повеќе дози од Хрватска до крајот на јуни“. Летонија исто така би била оштетена, а Австрија е некаде на средина.
Портпарол на Европската комисија рече дека „почетната точка на Комисијата е распределување на дозите врз основа на бројот на жители, но земјите-членки можат да побараат повеќе вакцини од другите“.
