СДСМ отвори ново поглавје за иднината на Македонија, вели портпаролката на партијата Богданка Кузеска на најновата прес-конференција на оваа опозициска партија.
Од СДСМ сметаат дека е почната нова етапа на политичко дејствување, и дека следува борба за подобар животен стандард, борба против корупцијата и за, како што велат, европска иднина за Македонија.
„Со „Скопската иницијатива“ и платформата „Твоја држава, твоја шанса“ СДСМ започнува нова етапа на политичко дејствување. Етапа заснована на вредностите на социјалдемократијата, борбата за подобар животен стандард, борба против корупцијата и за европска иднина за Македонија. Европа не е апстрактна политичка цел, туку подобар живот дома, повисоки плати, владеење на правото и повеќе шанси за секој човек.
Македонија не смее да остане заглавена во национализам, популизам и политички манипулации кои ја оддалечуваат од европската иднина. Наместо поделби, СДСМ нуди визија за обединување околу државните интереси, економски развој и европски вредности преку поширок Фронт за вистина и правда“, вели Кузеска.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека ЕУ има само пофалби за Македонија, додека од опозицискиот лидер Филипче и Радев размислуваат само на уставни измени.
„Сите од ЕУ со внимание ги следат реформите на македонската влада и ги поздравуваат велејќи дека сме лидери во регионот, само Филипче и Радев велат единствена реформа се уставните измени.
По долго време коленичење и лековерност од страна на властите предводени од СДС, сега европските претставници гледаат државнички пристап од македонската влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и велат дека заслужуваме предвидлив европски пат. Само Венко Филипче и Румен Радев не сметаат така.
Но, мекото ткиво предводено од Филипче и СДС ја отежнува работата. Само тие се на иста линија со Радев и Бугарија, а на бугарските власти тоа им одговара“, рече Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
