Ладнокрвно, со неколку истрели од пиштол, вчеравечер во 21 часот и 25 минути во угостителски објект во центарот на Штип беше застрелан 25 годишниот турски државјанин Е.О.
По пукањето, осомничениот 21 годишен К.К. исто така државјанин на Турција, заедно со своите четворица помагачи побегнале во возило „БМВ“.
Следувала акција од полицијата, а бил употребен и дрон, по што осомничениот и помагачите биле фатени на наплатната рампа „Миладиновци“.
„Имено, во 22.15 часот на наплатната рампа Миладиновци, во заедничка акција на СВР Штип, СВР Скопје и сообраќајната полиција, било запрено патничко возило „бмв“ со штипски регистарски ознаки, во кое биле А.Х., Т.М., О.М. и А.О., при што А.Х. се дал во бегство, а другите лица биле лишени од слобода. Набргу, по преземени мерки, тој и сторителот К.К. биле пронајдени и лишени од слобода.“, вели Гоце Андреевски, портпарол на МВР.

Од јавното обвинителство велат дека се работи на расветлување на целиот случај.
„Од лице место подигнати се чаури и други траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телото на починатиот е дадено за обдукција. Обезбедени се и прегледани снимки од видео надзор. Се преземаат и други дејствија за обезбедување докази, а увидните дејствија на локацијата ќе продолжат и денеска.“, велат од Јавното обвинителство.

Застреланиот Е.О. починал во 22 часот и 15 минути во штипската Градска болница, по неуспешниот обид за реанимација.
