Лајчак прв пат во Приштина по нападот во Бањска, средби со Курти и Вучиќ: „Дијалогот мора да продолжи“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, по средбата со косовскиот премиер Албин Курти, ги повика Косово и Србија да се вратат на дијалогот.
Тоа беше прва посета на Лајчак на главниот град на Косово Приштина по нападот на 24 септември на северот на Косово, во кој загинаа еден полицаец и тројца напаѓачи. Лајчак повика да има соодветна истрага за нападите.

„Внимателно ги слушавме ставовите на премиерот Курти и неговата загриженост во однос на безбедносната ситуација на северот на Косово. И тука сакам да кажам дека терористичкиот напад врз косовската полиција од вооружени индивидуални лица претставува јасна и невидена ескалација. Му изразивме сочувство на премиерот и најостро го осудивме нападот на 24 септември. Многу јасно ставивме до знаење дека сите виновници мора да бидат изведени пред лицето на правдата и очекуваме целосна соработка од Србија и конкретни дејствија во овој поглед.“, рече Лајчак.

Лајчак порача дека дијалогот мора да продолжи и дека тоа е поважно од кога било, бидејќи ако нема дијалог, може да има повторување на ескалацијата.

„Било какви услови или одложувања се неприфатливи, а ние исто така очекуваме Косово и Србија целосно да ги исполнат своите обврски од дијалогот. И настаните од 24 септември не го менуваат ова, ниту пак фактот дека Косово и Србија склучија договор за патот кон нормализација на почетокот на годинава.“, рече Лајчак.

Според она што го соопштија од неговиот кабинет, премиерот на Косово, Албин Курти јасно им ставил до знаење на западните дипломати дека главен приоритет и итно прашање за Косово е безбедноста, по терористичкиот напад во Бањска на 24 септември.
Во соопштението од кабинетот на премиерот во саботата се вели дека Курти на дипломатите им рекол дека казната е пресудна за неповторување на вакви напади.

„На средбата се разговараше за нормализација на односите меѓу Република Косово и Србија, поточно за спроведувањето на Основниот договор (од Брисел, 27 февруари) и неговиот анекс за имплементација (од Охрид, 18 март). Премиерот истакна дека е неопходна квалитативна рефлексија и нов пристап. Сите петмина емисари го понудија својот нов план за напредување, за што премиерот изрази благодарност. Дискусиите мора да продолжат интензивно.“, велат од кабинетот на Курти.

Претставникот на ЕУ и официјални лица од САД, Франција, Германија и Италија во Белград имаа средба и со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Во февруари, Европската унија изнесе план од 10 точки за ставање крај на повеќемесечните политички кризи.

Курти и Вучиќ дадоа одобрение во тоа време, но со одредени услови кои не се исполнети.