МЕПСО продолжува со реализација на повеќе капитални проекти насочени кон модернизација на електроенергетската инфраструктура и подобрување на сигурноста на системот, најави директорот Бурим Љатифи во интервју за ТВ21, за време на 9-тото издание на Македонскиот енергетски форум, еден од најзначајните форуми во регионот посветени на енергетиката.
Тој посочи дека наскоро ќе биде објавена јавна набавка за ревитализација на 110-киловолтната мрежа на потегот од Гостивар до Битола. Паралелно се реализира и проектот Милетково, како и процесот за обезбедување финансирање за нов СКАДА систем за управување со електроенергетската мрежа.
Љатифи нагласи дека меѓу најголемите предизвици со кои се соочува МЕПСО се високите напони во мрежата, но додаде дека се работи на конкретни решенија.
„Оваа година треба да заврши вградувањето на шант-реакторот, кој е дел од мерките за справување со овие предизвици. Тоа е проблем со кој се соочува целиот регион, а ние активно работиме на негово надминување“, изјави директорот на МЕПСО.
