Латвија стана првата балтичка држава која се повлече од меѓународниот договор за забрана на противпешадиски мини. Парламентот во Рига го одобри повлекувањето од Конвенцијата од Отава, која забранува употреба, складирање, производство и пренос на сите видови противпешадиски мини, кои се сметаат за особено сурово оружје.
Саеима, латвискиот парламент, со својата одлука ја следеше неодамнешната заедничка препорака на министрите за одбрана на другите балтички земји, Естонија и Литванија, како и на Полска. Тој ја оправда одлуката со тоа што безбедносната ситуација во балтичкиот регион значително се промени откако Латвија се приклучи на Конвенцијата од Отава пред 20 години.
Напуштањето на конвенцијата дојде откако Русија започна инвазија на соседна Украина пред повеќе од три години. Одлуката на Латвија ќе стапи на сила шест месеци по доставувањето на известувањето за повлекувањето до Обединетите нации.
Конвенцијата од Отава е склучена во 1997 година и оттогаш е потпишана од повеќе од 160 земји, вклучувајќи ги и сите членки на Европската унија. Русија, САД и Кина никогаш не се приклучија на тој договор.
Војната на Русија против Украина се смета за директна закана за националната безбедност на четирите членки на НАТО. Балтичките земји и Полска делат граница со Русија. Латвија и Естонија се граничат со Русија, а Литванија и Полска се граничат со руската ексклава Калининград на Балтичкото Море.
