Лажни вести за коронавирус и 5Г – експертите апелираат да се внимава од каде се читаат вести

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Постови за птици кои умираат од брановите на 5Г. Вести со мистерии кои се појавуваат на небото во време на коронавирусот. Бил Гејтс кој најавува дека светот веќе нема да биде нормален и вести за микрочипови во телата на луѓето. Онлајн просторот, особено сега за време на кризата со Ковид-19, е полн со постови и лажни вести кои не се потврдени, но се шират, како на пример веста дека ќе се излечите од вирусот ако пиете многу вода…

Експертите апелираат да не им се верува на овие вести кои само предизвикуваат страв и заработуваат од вашите кликови! Ова го тврди и Елида Зилбеари која раководи со албанската верзија на Crithink, веб страна каде се утврдува веродостојноста на сомнителните информации а каде последниов месец е зголемен бројот на вестите.

„Граѓаните треба да гледаат од кој медиум се информираат. Не е само хигиената таа која ќе ве заштити од вирусот, туку и борбата со инфодемијата, со информациите. Треба да гкедаат дали веста има автор, дали медиумот има адреса, телефонски број и импресум каде пишува која е редакцијата и кој е одговорен за таа информација“, вели Елида Зилбеари.

Ментор Хоџај, раководител на заедницата за сајбер безбедност со центар во Косово, потврдува  дека е зголемен бројот на лажни вести. Истите ги постираат на Фејсбук со кого велат дека се во постојана комуникација и дека над 90% од вестите кои се потврдени како лажни успеале да ги отстранат од социјалните медиуми.

ТВ21: Фејсбук и социјалните мрежи се преполни со такви вести. Според вас, зошто? Во чиј интерес е тоа?

Ментор Хоџај: Да, реално од почетокот на ова, денеска е веќе 32 ден, почна со поддршка од руски вести, односно RussiaToday од каде првично ја поддржуваа веста за дислокација на вооружените сили на САД која беше дел од вежбите на НАТО. Оваа вест предизвика голема бура и беше речиси невозможно да ги убедиш луѓето  дека нема да има нова војна.

Хоџај апелира да се внимава особено со оние вести кои бараат да бидат споделени.

Загриженост за лажните вести во време на коронавирусот изрази и Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој рече дека државните и недржавните актери преку дезинформации се обидуваат да создадат поделба меѓу државите и да ја минираат демократијата.

За ова зборуваше и амбасадорката на САД во НАТО, Хатчисон која истакна дека руските дезинформации во РСМ продолжуваат и откако земјата стана членка на НАТО, а Алијансата се бори против пропагандата со конкретни дела помагајќи во оваа криза и продолжувајќи да помага во врска со дезинформациите кои доаѓаат од руски извори.