Лицата кои се во изолација поради Ковид-19 ќе можат да се попишат во договор со попишувачите на Државниот завод за статистика. Директорот, Апостол Симовски вели дека попишувачите ги имаат нивните адреси и ќе можат да се договорат кога би можеле да дојдат согласно протоколите или пак може да почекаат додека лицето не излезе од изолација.
Вчера системот за попис падна, а реонските попишувачи наидоа на проблеми при нивната работа, но заменик-директорот Илми Селами, уверува дека проблемот е надминат и дека сѐ функционира без проблеми.
-Вчера имавме технички проблем. Беше направено рестартирање на системот и сега се апдејтуваат сите податоци. Се надевам дека денеска, следните денови, па сѐ до 30 септември процесот ќе тече успешно-вели Селами.
Симовски и Селами во Куманово извршија увид во процесот на попишување, а реонскиот попишувач Александар Гелевски ги увери дека немаат никакви проблеми со граѓаните и дека процесот тече во најдобар ред.
Од ДЗС информираат дека досега немаат изречено казни за одбивање на попишување, иако санкционирањето е дозволено со закон. Инаку, до 11 часот денеска се попишани 136.773 лица, 41.478 домаќинства и 59.953 станови. До 30-ти септември ќе може да се самопопишува и дијаспората, а граѓаните од дијаспората кои се вон земјава, а немаат можност да се попишат преку онлајн апликацијата, тоа ќе може да го стори некој нивен близок или роднина кој живее во Северна Македонија.
