Ленин, Јосип Броз Тито, ЈНА, Страшо Пинџур, се имињата кои и понатаму ги носат тетовските улици и училишта. За нивна промена, општинскиот совет досега ја нема поддршката на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Но нивната поддршка не е неопходна бидејќи сите советници на албанските партии се ЗА и го имаат потребниот број на гласови. Лиридон Диша од ДУИ вели дека би било добро во овој процес да се вклучат сите страни.
„Ние како политички субјект сметаме дека треба да има решение но со вклучување на сите страни во овој процес, што подразбира и на нашите сограѓани Македонци поради тоа што мислиме дека не е политички коректно да се создаде мајоризација кога ни се дава можност. ДУИ е сериозна партија која произлегува од ослободителната војна на албанската заедница во Северна Македонија и таа војна немала за цел да ги минимизира правата на другите заедници, туку да создаде услови во кои освен Албанците исти права да имаат и другите заедници“, вели Лиридон Диша.
Поддршка дава и партијата на Африм Гаши. Советниците на оваа партија велат дека се подготвени да поддржат промена на имињата но бараат тие да се соодветни.
„Именувањето на улиците и другите инфраструктурни објекти треба да биде со имињата на значајни личности, било да се историски или политички личности, од културата, уметноста, спортот или можат да бидат значајни датуми и да бидат одраз на сите заедници во нашата општина и ние не сме против ваквите именувања“, порача Фатон Селами.
Од ДПА велат дека досега не добиле никаква најава, но се ЗА промена на имињата.
„Начелно сме ЗА промена на имињата на улиците, но досега не сме добиле никаква информација ниту од градоначалникот ниту од претседавачот на советот за кои имиња станува збор, затоа би било добро да се формира комисија во која ќе учествуваат сите етнички заедници и претставници на политичките партии“, вели Висар Палоши.
За промената на имињата, Касами пред неколку дена изјави дека чека одлука од Катастар и потоа ќе го започне процесот. Според законот, промените на имињата се прават со предлог на општинскиот совет до Влада, од каде мора да се добие согласност. Потоа тој предлог општинскиот совет треба да го стави на гласање и откако ќе помине истиот во рок од осум дена заедно со потребната документација треба да се испрати до Централен регистар, кој во рок од 15 дена треба да ги регистрира. И на крајот, во рок од три дена се известуваат МВР, Катастар и Државниот завод за статистика.
