Лешок без вода за пиење во лето! Институциите: Проблемот трае со години

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Болницата за белодробни заболувања во селото Лешок, Општина Теарце, водата не е безбедна за пиење. Според министерот за здравство, Сашо Клековски, ова не е нов проблем, бидејќи, како што рече, водата во ова село не е погодна за пиење во летниот период повеќе од една деценија. Причината е зголемената потрошувачка во лето поради доаѓањето на иселениците, поради што е потребно зголемување на капацитетите на водоснабдителниот систем.

„Состојбата во Лешок не е тајна, бидејќи трае, да не речам со децении, но најмалку во последните десет години во текот на летните месеци. И Министерството за здравство, како и министерот за здравство во периодот од 2017 до 2022 година, можеле да го видат тоа од редовните извештаи што пристигнувале во Министерството, во кои било наведено дека водата е неисправна. Тоа им е познато и на жителите, кои ги почитуваат препораките што ги добиваат за начинот на постапување“, изјави министерот за здравство, Сашо Клековски.

Општина Теарце ги отфрли обвинувањата за дезинформирање во врска со водоснабдувањето во селото Лешок, нагласувајќи дека жителите веќе неколку месеци не ја користат водата за пиење поради недостигот во летниот период. Од Општината апелираат ова прашање да не се злоупотребува за политички цели.

„Оваа состојба се повторува речиси секоја година и жителите на селото, како и граѓаните на општината, навреме се информирани од надлежните институции. Затоа е неприфатливо ова прашање да се користи за политички поени или за создавање паника кај граѓаните. Јавното здравје не смее да биде предмет на манипулации, ниту средство за политичка пропаганда“, соопштија од Општина Теарце.

Тетово, заедно со руралните општини, има вкупно 99 села, од кои околу 80 немаат безбедна вода за пиење, бидејќи со поголемиот дел од локалните водоводи управуваат самите месни заедници. Поради недостигот на вода, месните заедници често се принудени во водоводната мрежа да вклучуваат и речна вода за да го зголемат количеството вода што стигнува до домаќинствата.