Лидерите на ЕУ, на Самит закажан за 25 и 26 март, ќе разговараат за координацијата околу борбата против ковид-19, како и за дистрибуцијата на вакцини во блокот на ЕУ.
Ова прашање ќе биде вклучено во агендата на Самитот во март, а предлогот на Мишел е овојпат Самитот да се одржи „физички“ во Брисел, односно со присуство на сите лидери.
Извори на српски Танјуг од Брисел потврдиле дека претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, добил писмо од лидерите на Австрија, Чешка, Бугарија, Словенија и Летонија, на кое се приклучи и Хрватска вечерва, во кое се бара дебата за дистрибуција на вакцини против ковид-19 во блокот откако Австрија се пожали дека дозите на вакцините не се распределени рамномерно меѓу земјите-членки, и покрај договорот, според популацијата.
Писмото е испратено и до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајан.
Во писмената изјава вечерва, Комисијата рече дека „се согласува дека најправедно решение е да се распределат дози на вакцини врз основа на пропорционалното население на секоја земја-членка“ и дека тоа е нејзин предлог за сите договори за однапред купување на вакцини.
„Земјите-членки одлучија да се тргнат од предлогот на Комисијата со додавање на флексибилност што овозможува да се договори различна распределба на дозата, земајќи ја предвид епидемиолошката состојба и потребите за вакцинација на секоја земја. Според овој систем, ако земја-членка одлучи да не пристапи кон пропорционална распределба, дозите се прераспределуваат меѓу другите засегнати земји-членки “; се наведува во соопштението на Комисијата.
ЕК додава дека останува на земјите-членки да најдат договор доколку сакаат да се вратат на пропорционална основа.
