Двајцата коалициони партнери, Димитар Ковачевски и Али Ахмети не се против лидерска средба на политичките партии, што ја побара опозицискиот лидер Христијан Мицкоски но велат дека средбата не треба да се одвива под притисоци и наметнати теми, како што предвремени избори.
Лидерот на Интегративците Али Ахмети вели дека нема ништо лошо во тоа да се одржи средба на лидерите, но без уцени и наметнувања, туку да се разговара на одредени теми.
„Важни теми кои се однесуваат на унапредување на политиките на земјава. Во оваа ситуација би сакал да истакнам дека е многу важно да има средби, консултации, важно е да се затвори прашањето, спорот со Бугарија, спор кој што не попречува на патот за преговорите со ЕУ и секако дека ни е потребен етнички и политички консензус и решавањето на овој спор го зајакнува мирот, стабилноста, безбедноста и релаксирањето на односите меѓу соседите“, рече Ахмети.
Пред неколку дена лидерот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара до 10 мај да се одржи лидерска средба на која би се разговарало и би се одредил датум за предвремени парламентарни избори.
