Линде: Разочарана сум зашто нема одлука за Македонија, Османи не го напушта оптимизмот, шанса гледа и на самитот на 24 и 25 јуни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шведската министерка за надворешни работи Ан Линде вели дека е разочарана поради тоа што Македонија нема да ги почне преговорите. Преговорите со Северна Македонија требаше веќе да бидат почнати и Европската унија во март 2020 веќе требаше да донесе едногласна одлука за ова, истакна Линде која побара силен дипломатски притисок за да се надмине блокадата од Бугарија.


„Јас сум разочарана што се уште не се започнати преговорите. Северна Македонија ги исполни потребните услови и преговорите веднаш треба да почнат. Јас истакнувам во моите состаноци со министрите за надворешни работи во Европската унија дека Бугарија не треба да го блокира ова прашање и дека билатерално прашање не треба да биде предуслов за почеток на преговорите со Северна Македонија“, истакна Линде.


Неофицијално денешниот состанок на Советот за општи работи се разговарало на висок тон, откако Бугарија го изнела својот став дека не е подготвена да даде зелено светло за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија. Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи вели дека одлуката за Македонија останува да биде тест за кредибилитетот на Европската унија.

„Информациите се дека се гласни ставовите на 26 земји членки кои што сметаат дека е тоа сосема неоправдано, дека Република Македонија одамна ги има исполнето условите и дека навистина е крајно време Европската унија да ја даде пораката кон регионот а посебно кон Северна Македонија, чие досие стана тест за кредибилитетот на овој процес“, посочи Османи.


Османи и покрај ветото од Бугарија, сепак не го напушта оптимизмот и се надева на уште една шанса. Можноста иако вели е теоретска, ја гледа на 24 и 25 на Самитот на лидерите, а како единствен кој во моментов може да ја тргне блокадата е претседателот Румен Радев, вели Османи.

„Имајќи предвид дека во моментов во Бугарија има комплексни политички услови и контекст и единствено претседателот на државата има целосен политички мандат тоа е можност да се повлече ветото, односно да се донесе одлука на самиот Самит на лидери и тоа не е прашање дали сум јас оптимист или не“, додаде Османи.


Во однос на посетата на Бугарија, тој рече дека бил вопоставен отворен дијалог по однос на сите разлики кои ги имаат двете земји и дека е утврдено дека португалскиот предлог е најдоброто решение.