Дали имињата на затворениците кои се најдоа на листата за помилување го нарушуваат договорот Заев – Гаши,? Алтернатива го потсети Заев на договорот постигнат на 5 декември, каде една од точките беше и меѓународната истрага за случаите за кои постои сомневање за политичка вмешаност. Од Алијанса за Албанците-Алтернатива бараат итно спроведување на овој договор.
„Договор за соработка во кој една од точките беше согласноста Владата на РСМ да побара од ЕК меѓународна истрага за судските случаи за кои постои сомневање за политичка вмешаност, меѓу кои е и случајот на малиот Алмир Алиу. Со надеж дека ниту актуелниот ниту идниот премиер нема да ја разнишаат толку брзо соработката со Алтернатива“, посочи Нурџане Асановска.
Реагираше и АА. Од таму бараат итна оставка од министерот за правда, Бојан Маричиќ и неговиот заменик Агим Нухиу, а пред вратите на Министерството за правда истурија црвена боја како симбол за крвта на оние кои биле оштетени во судските случаи.
„Денеска сме пред Министерството за неправда за да го изразиме нашето разочарување во врска со иницијативата на ова министерство за амнестија на криминалците во оваа држава. Станува збор за убиецот на Алмир, Бобан Илиќ, за криминалците кои го опљачкаа буџетот на државата со над 17 милиони евра, како Сеат Кочан и другите такви случаи“, вели Омер Ајдини.
Од Движење Беса велат дека со последните случувања уште еднаш е погоден системот на правдата. Бараат од претседателот Стево Пендаровски сериозно да ги сфати чувствителните случаи и да реагира.
„Последниве денови во Северна Македонија сериозно е погоден правниот систем во обид да се амнестираат лица кои имаат проблеми со законот, како што е последниот случај со сторителот на нечовечкото убиство на 4 годишниот Алмир. Со последните постапки на министерот за правда и заменик министерот од ДУИ, се обидуваат да амнестираат криминалци и злосторници в о оваа држава“, посочуваат од Беса.
Реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека во Македонија нема ништо полошо од СДСМ и ДУИ, а обидот за префрлање на вината е лага. СДСМ, Заев и Маричиќ и сите вмешани знаеле што прават и кој е на листата за помилување, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
