Лице со посебни потреби, советник во Гостивар, Џеват Фејзули, преку сите пречки, до остварување на желбата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

За Џеват Фејзули денешниот ден е посебен. Оди во општина Гостивар да го прими мандатот за советник во општината. Слеп е, но тоа не го спречило да ја оствари желбата и волјата да биде дел од општинскиот совет во неговиот град.


-Многу силно чувство е, не дека јас сум привилегиран, туку дека во општина Гостивар за прв пат влегува лице со посебни потреби како советник. Ова значи дека општина Гостивар е една од општините која е достапна за овие лица и за кои има унапредени права, градоначалникот се труди да биде што подобро.


„Среќен сум што кога го добив мандатот како градоначалник, и првиот и вториот, среќен сум што денеска на мојот тим му се приклучи еден благороден човек, посебен човек за општина Гостивар, Џеват Фејзули, кој беше раководител на една невладина организација “Реалност“ со која јас соработував овие 4 и пол години и ова здружение е за лица кои имаат проблеми со видот и Џеват ќе биде еден од советниците кој ќе го крене гласот за лицата со посебни потреби“, вели Таравари.
Но кои се целите и приоритетите на новиот советник?

„Мислам дека Гостивар треба да даде приоритет на тротоарите да бидат пониски за лицата со инвалидска количка и со бастун, да се движат полесно“, вели Фејзули.


Претседателот на Советот, Ваљбон Лимани вели дека Фејзули ќе ги има сите услови со цел без пречка да ја врши својата должност.

„Ќе обезбедиме да има Брајово писмо за Џеват, тој проблем е решен во моментов, а и другите услови ќе се решат со новата сала на советот во општина Гостивар“, вели Лимани.

Советникот Фејзули денеска беше пречекан од сите негови колеги советници. Вели дека лицата со посебни потреби имаат многу барања и колку и да работиш за нив, според него, потребно е да ги држиш блиску до себе и да докажеш дека се важен дел од општеството.