Лога го разреши Лазар Нанев од Советот на ТИК – побара отворање постапка за утврдување одговорност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за правда Кренар Лога го ослободил од должност Лазар Нинев како член на Советот за координирање на технологија на информациите и комуникација во судските власти. По приемот и анализата на материјалите за седницата на судскиот совет, Лога констатирал дека доставените материјали содржат тешки претензии за загрозување на интегритетот на судиите и дека состојбата е загрижувачка за правната безбедност на граѓаните. Тој рече дека нема да дозволи во работните тела да бидат членови лица за кои има сериозни индикации за наштетување на интегритетот.

„Затоа ја информирам јавноста дека со одлука за измена на одлуката за формирање на Советот на ТИК, која ја донесов денеска, судијата и претседател на основниот суд во Кавадарци, се ослободува од должност како член на советот на ТИК и претседател на истиот тој совет“, вели Кренар Лога.

Министерот Лога исто така информираше дека доставил допис со барање за отворање постапка за утврдување на одговорност и неодговорност на судијата Нанев.

„И покрај фактот што во материјалите има тешки претензии кои укажуваат на оштетување на интегритетот на судијата и индикации за можни злоупотреби, недостига постапувањето на Судскиот совет. Министерството за правда и покрај сите преземени обиди, не успеа да дознае за ниту една мерка што судскиот совет ја презел за истражување на фактичката состојба и утврдување на одговорност врз основа на сите доставени писмени претензии и индикации за судијата и претседател на судот во Кавадарци“, вели Кренар Лога.

Лога упати апел до Судскиот совет како независен орган да покрене постапка за утврдување одговорност на судијата во основниот суд во Кавадарци и побара во најкус рок да се постапи за објавување на записникот, за да се донесат конкретни одлуки во рамки на законските надлежности.