Лога: Не Балансер, се укина етничка припадност – Мицкоски: Има работна група за закон за правична застапеност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не е укинат балансерот, туку е укината правичната застапеност според етничка припадност, тврди поранешниот министер за правда од Алијанса за Албанците, Кренар Лога. Во „Дејли клик“ на ТВ21, коментирајќи ја одлуката на Уставниот суд, тој истакна дека се отворил пат во иднина секој друг закон во кој ќе се потенцира етничката припадност повторно да биде укинат. 

„Балансерот не е укинат како софтвер или како некој акт, или како методологија. Укината е етничката припадност и сега ако новиот закон повторно ја потенцира етничката припадност, таа ќе има иста судбина како балансерот, зашто повеќе не постои, не постои во матичните книги, ниту во Законот за државни административни службеници. И било каков закон да донесат и да ја запишат формулацијата „етничка припадност“, тој ќе биде укинат“, вели Кренар Лога.

Според Лога, јавноста се манипулира со тврдењето дека е укинат балансерот, а не етничката припадност, но пак претставниците на владејачката коалиција тврдат дека правичната застапеност останува и ќе биде уставна категорија. Сепак, не се знае дали евентуалното ново законско решение ќе ја содржи формулацијата „етничка припадност“. Премиерот Мицкоски, наспроти министерот Горан Минчев од ЗНАМ, вели дека постои работна група што работи на текст за Закон за правична застапеност.

„Не ги коментирам ставовите на поединци коишто доаѓаат од нашите коалициски партнери, но да, има работна група во којашто има експерти коишто работат на изготвување на законско решение коешто ќе биде уставно“, вели Христијан Мицкоски.

Мицкоски повтори дека новиот Закон би бил испратен за мислење до Венецијанската комисија. Иницијативата ја покрена коалицијата ВРЕДИ, која ја одложи јавната дебата за нивниот текст, чекајќи финално решение од работната група.