Лос Анџелес се соочува со исклучително опасни временски услови, висок ризик од нови пожари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шефот на пожарникарите во Лос Анџелес, Кристин Кроули денеска изјави дека градот се соочува со „исклучително опасни временски услови“ бидејќи се очекува екстремните ветрови да го достигнат својот врв до вторник наутро.

Во планинските области ветровите би можеле да достигнат брзина и до 100 милји на час, пишува CBS News.

Кроули предупреди дека комбинацијата од силни ветрови, ниска влажност и сува вегетација претставува висок ризик за нови пожари.

Противпожарните екипи од локалните, регионалните и државните агенции веќе се распоредени во најранливите области за брзо реагирање на потенцијалните пожари. Апелирам до сите да останат будни, опасноста се уште не е завршена“, нагласи Кроули.

Метеоролозите предвидуваат дека овонеделните временски услови ќе бидат полоши од минатонеделните, изјави Џејмс Вајт од Националната метеоролошка служба.

Жителите на Лос Анџелес се повикани да бидат подготвени за итна евакуација. „Бидете подготвени веднаш да ги евакуирате вашите домови“, рече Дерон Вајат, портпарол на агенциите кои се борат со шумските пожари во областа Итон.

Пожарот во областа Палисадес беше локализиран 59 отсто до понеделник наутро, откако уништи 96 квадратни километри. Пожарот во Итон бил 87 отсто локализиран и зафатил површина од 36 квадратни километри, според Калифорниската служба за шумарство и противпожарна заштита. Поради високата опасност од пожар, властите ја прекинаа струјата на повеќе од 5.800 домови и деловни објекти во Лос Анџелес и Сан Бернардино. Се разгледуваат дополнителни исклучувања за уште 247.000 корисници.