Луѓе што го напуштиле Фејсбук, говорат за позитивните последици

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Многумина последниве години ги избришаа сите профили од социјалните мрежи или барем значително го намалија својот „престој“ на нив. Како причина за тоа, според „Хафпост“, повеќе жени го наведуваат, пред сè, зачувувањето на менталното здравје, но и бегањето од прекумерната злоба што владее на интернет.

Извесна Џоди (40), на пр., со години имала профили на Фејсбук и Инстаграм. Таа ги избришала сите свои „пријатели“ пред четири години. Пред да стане неактивна на Фејсбук, таа напишала објава дека брише сè и дека ако некои луѓе сакаат да останат во контакт со неа, тоа може да го сторат преку СМС.

– Го сторив тоа за да имам помалку негативност во мојот живот, бидејќи имаше премногу лажни луѓе и пријателства. Јас не го избришав целосно мојот Фејсбук-профил, затоа што сè уште го користам за некои групи и продавници, но не го користам за лични објави или следење на други луѓе… Не чувствувам како да ми недостасува нешто, бидејќи најважно ми е тоа што е пред мене, а тоа се моите деца, моите блиски пријатели и семејството. Животот е краток. И, мислам дека таа лекција сѐ повеќе луѓе почнуваат да ја сфаќаат, вели Џоди.

Тејт (21) знае дека сигурно никогаш нема да си помисли: „Боже, би сакала да поминам повеќе време на социјалните мрежи“. Таа вели дека денес, без социјални мрежи, живее со помалку стрес.

– Причината зошто решив да ги избришам профилите на социјалните мрежи беше целата таа негативност, особено на Фејсбук. Претходно, Фејсбук некако го проголта мојот живот. Оттогаш моето ментално здравје драстично се подобри. Иако сè уште минувам многу време на телефон, се чувствувам како да живеам со помалку стрес, објаснува Тејт.

Фани (38) вели дека сега спие подобро и помирно.

– Престанав да го користам Фејсбук пред неколку години, а летово го избришав и Инстаграм. Откако го сторив тоа, спијам подобро и умот ми е поодморен. Се чувствувам помалку вознемирена и помалку нервозна. Сега сум поспособна да ги организирам своите размислувања за социјалната и политичката неправда, и уште поважно, не сум „луда“ за сѐ тоа, како што бев порано, вели Фани.

Сепак, таа вели дека се чувствува некако „постаро“ откако се повлекла од сѐ тоа.