Александар Лукашенко победи на претседателските избори во Белорусија, со 5.136.293 гласови, соопшти денеска Централната изборна комисија (ЦИК) на таа земја.
„Можете да и честитате на Белорусија, ние избравме претседател“, изјави претседателот на Централната изборна комисија, Игор Карпенко.
Лукашенко освои 86,8 отсто од гласовите, на изборите на кои имаше четворица противници.
Западните политичари тврдат дека изборите не биле ниту фер, ниту слободни, поради забраната за работа на независните медиуми и поради тоа што лидерите на опозицијата се во затвор или биле принудени да ја напуштат Белорусија.
„Народот на Белорусија немаше избор. Горчлив ден е за сите оние кои посакуваат слобода и демократија“, изјави министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок.
Според официјалните податоци, одѕивот на гласачите бил 85,7 отсто, пренесува Ројтерс.
На прашањето за уапсените политички противници, Лукашенко во неделата одговори дека тие сами си ја избрале судбината.
„Некои избраа затвор, а некои избраа егзил. Никого не сме протерале од земјата“, изјави Лукашенко, кој е на власт 31 година.
