Новинарот на Призма, Васко Маглешов во емисијата „Раната Кочани“ на 4ТВ предупреди дека во случајот „Пулс“ постојат две различни правни теории за одговорноста, иако станува збор за ист настан и за исто Јавно обвинителство.
Според неговата анализа, основните обвинителства имаат една правна квалификација, додека ОЈО ГОКК настапува со поинаков пристап.
Првата теорија, на скопското и кочанското обвинителство, предвидува дека сите инволвирани лица треба да одговараат за исто кривично дело – тешки дела против општата сигурност.
Втората теорија на обвинителството за организиран криминал смета дека за најтешкото дело треба да одговараат само полицајците кои биле на должност таа вечер и не реагирале, додека останатите службени лица се гонат за злоупотреба на службена положба.
Маглешов оценува дека ваквата состојба создава сериозен ризик од долг и сложен судски процес и повикува новиот државен јавен обвинител уште на почеток да направи преиспитување на постапката.
„Подобро е одредени работи да се расчистат веднаш, отколку пресудата подоцна да падне на Апелација и процесот да почне од почеток“, посочува тој во интервју за 4ТВ.
