Американскиот софтверски гигант „Мајкрософт” најави дека ќе го „убие“ својот најомразен производ. Се работи за „Интернет експлорер” (Internet explorer).
Од „Мајкрософт” велат дека на 15 јуни 2022 година ќе го затворат „Интернет експлорер” и ќе се фокусираат на „Еџ” (Edge) за истиот да се обиде да и парира на водечката позиција на „Гугл хром” (Google Chrome).
„Интернет експлорер” е лансиран во 1995 година и доминира на пазарот на пребарувачи повеќе од 10 години, спакуван во „Виндоус”, што клиентите често го инсталираат на новите компјутери.
Пред две децении, „Мајкрософт” беше обвинет поради тој пакет, а американски судија пресуди дека компанијата ги прекршила правилата за конкуренција.
„Мајкрософт” ја обжали пресудата, но повисокиот суд ја потврди, а компанијата продолжи да го инсталира „Интернет експлорерот” во „Виндоус”.
Кон крајот на 2000-те, позицијата на „Интернет експлорер” беше загрозена од „Гугл хром”, а пребарувачот на „Mајкрософт” стана предмет на безброј мемови кои ја исмеваа неговата бавност во споредба со конкуренцијата. За да одговори на конкуренцијата, „Мајкрософт” го претстави пребарувачот „Еџ” во 2015 година, што ја користи истата технологија како „Гугл хром”.
