Македонија е безбедна од каков било терористички напад, уверува министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Според него, во моментов во нашата држава нема никаква индикација за некакво нарушување на безбедноста и дека надлежните власти се добро подготвени за секаков вид закана.
Северна Македонија и САД имаат одлична соработка во борбата против тероризмот, потсетува амбасадорката на САД во Скопје, Кејт Мери Брнз.
„Би рекла дека нашата соработка е одлична. Ние сме дел од редовни бази обезбедувајќи и распоредувајќи ги најдобрите експерти, искуства, знаења,двете земји се имаме соочено со различни предизвици. Нашата соработка би ја оценила како продуктивна, конструктивна која треба да продолжи и во иднина“, истакна Кејт Мери Брнз.
Од 127 возрасни лица кои престојувале во Сирија и/или Ирак, 38 биле убиени, 69 се вратиле во Северна Македонија, а 19 останале. Во однос на ресоцијализацијата и реинтеграцијата на нашите граѓани вратени од воените зони на Средниот Исток,и Спасовски и Брнз сметаат дека овој процес е многу важен толку колку што е важно кривично да одговараат тие кои извршиле злосторства.
„Дел од овој ангажман е преку ИЦИТАП (Меѓународна програма за поддршка на истрага на криминал) за да се обезбеди најдобра можна обука на полицијата и истражителите за појаснување во однос на користењето на доказите од воените полиња во кривични истраги против терористите вратени во нивните земји. И да се осигураме дека социјалните програми кои се спроведени за поддршка на погодените семејства ќе ја добијат потребната помош за ресоцијализација и лекување“, додава Кејт Мери Брнз.
Спасовски и амбасадорката на САД, Брнз овие изјави ги дадоа во текот на пуштање во употреба на реновираниот полициски објект во “Ѓорче Петров“. Објектот е реновиран со донација од САД воизнос од 475 илјади долари а ќе послужи за припадниците на специјалната единица за борба против наркотични супстанци.
