Македонија доби покана за приклучување кон Вертикалниот гасен коридор, соопшти Божиновска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска соопшти дека Македонија добила покана да стане дел од Вертикалниот гасен коридор – една од клучните европски иницијативи за зајакнување на енергетската безбедност.

Според Божиновска, поканата е резултат на интензивните дипломатски активности реализирани во Вашингтон и на Самитот за енергетска транзиција во Атина, оценувајќи дека станува збор за значаен стратешки исчекор за државата.

„Ова не е само дипломатски успех. Ова е стратешко позиционирање на Македонија на новата енергетска мапа на Европа“, истакна министерката.

Таа посочи дека со приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор, Македонија ќе стане дел од клучната европска гасна мрежа и ќе се поврзе со постојната инфраструктура составена од национални гасоводи, интерконектори и LNG терминали. Според неа, тоа ќе овозможи поголема сигурност во снабдувањето, повеќе извори на природен гас и поголема енергетска независност.

Божиновска нагласи дека интерконекторите со Грција и Србија ќе добијат дополнително стратешко значење, бидејќи ќе бидат интегрирани во европската транспортна мрежа, а Македонија ќе се позиционира како важна транзитна точка за транспорт на природен гас во регионот и Европа.

Таа појасни дека не станува збор за изградба на нов гасовод, туку за интеграција на земјата во европскиот енергетски систем, што ќе овозможи пристап до нови извори на снабдување, вклучително и течен природен гас (LNG).

„Со овој чекор ја зајакнуваме енергетската безбедност, ја диверзифицираме испораката на природен гас и ја позиционираме Македонија на новата енергетска мапа на Европа“, порача Божиновска, додавајќи дека тоа е резултат на активна енергетска дипломатија и јасна стратешка определба земјата да биде енергетски поврзана, сигурна и силен партнер во регионот.