Македонија го совлада Косово и ќе игра бараж натпревар за пласман на Европско првенство!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Македонската фудбалска репрезентација со голема победа над Косово, стигна до еден меч до пласман на Европско првенство.

Вечерва фудбалерите на Македонија беа подобри од Косово и победија со 2:1.

Македонија дојде до предност во 16. минута преку автоголот на Кололи. Одлична акција, удар на Ристовски, и топката се одби од Кололи за водство на Македонија.

На 1:1 израмни Хадерѓонај во 29. минута. Недоразбирање меѓу голманот Димитриевски и стоперот Велковски, и играчот на Косово од 25 метри со одличен лоб удар погоди во мрежата.

Сепак, само четири минути подоцна, ново водство на Македонија. Нафрли Барди, а Велковски со глава постигнува гол за 2:1.

Во второто полувреме шанса до шанса за Македонија. Имаа прилики и Алиоски, и Пандев, Барди, но гол немаше. Беа поништени и два гола на Адеми и на Пандев.

Вистинска драма на крајот од мечот, во судиското надополнување. Двојна шанса на Косовците, но и двојна одбрана на Димитриевски. Во 96. минута и Трајковски во прилика за 3:1, но голманот Мурич одбрани, по што големото славје за победа на Македонија можеше да почне.

На 12. ноември против Грузија во Тбилиси, Македонија ќе брка пласман на Европско првенство.